Најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), ги повика Албанците во Македонија да излезат масовно в недела на референдумот за името и да гласаат „за“, јави дописникот на МИА од Приштина.
– ЛДК цени дека е од животно значење за Албанците во Македонија и во интерес на сите Албанци секаде каде што се, в недела масовно да учествуваат на референдумот и да гласаат „за“ историскиот договор, се вели во денешното соопштение на ЛДК.
Од ЛДК ги повикуваат Албанците во Македонија „овој историски момент да го искористат во нивен интерес и за доброто на европската иднина на нивната држава“.
Партијата на Иса Мустафа смета дека „соседна Македонија е пред мошне значаен и историски момент за иднината на нејзините граѓани“.
– В недела граѓаните на Македонија ќе одлучат за европска иднина на нивната земја, за просперитетот и безбедноста на нашиот регион, се наведува во соопштението на ЛДК.