За Македонија прв пат слушнав на Евровизија и уште тогаш ми се чинеше дека тоа е симпатично име, рече Шарлин Спитери од бендот „Тексас“, кој во петок ќе одржи концерт во СЦ „Кале“.
Гостувањето на шкотскиот бенд во Македонија првично беше најавено за јуни во рамки на „Скопје колинг“, меѓутоа поради технички причини се одложи за 28 септември. Настанот е во организација на „Авалон продукција“. Групата на концертот ќе ги изведе нивните најголеми хитови, а ќе се претстави и со нумери од нивниот најнов студиски албум „Jump on board“ издаден минатата година. Како предгрупа ќе настапи македонската рок група „Ареа“.
Вокалот на групата, Шарлин Спитери на денешната прес-конференција во Скопје откри дека е прв пат во Македонија, но посака тоа да не е и последен.
Таа раскажа дека не е од типот на луѓе кои ги истражуваат земјите каде што оди да настапува.
– Некои луѓе сакаат да истражуваат пред да заминат некаде. Јас сакам кога ќе заминам некаде да ги запознаам луѓето, да прашам од локалните луѓе што би препорачале да се види, каде да се одите, што да се прави. Да бидам искрена кога слетав тука добив текстуални пораки за тоа што да видам, кои музеи, галерии, што не ми се случило никогаш досега при патување во која било земја. Така што тоа е новина, вели Шарлин која и покрај планетарната слава ги освои сите со нејзината природност и непосредност.
Својот приватен живот сака да го сочува за себе, но вели, и дека нејзиниот однос е секогаш ист без оглед дали е на сцена или надвор од сцената.
За еден од нивните најпрепознатливи хитови „I dont want a Lover“ од 1989 , настанат на почетокот од над 30-годишната кариера на бендот, вели дека е првата песна воопшто што ја напишала заедно со коосновачот на групата и нејзина сродна душа Џони Макелхон.
– И денес како 50-годишна жена делам исто верување дека не сакам само љубовник, или само пријател. Сакам се, целиот пакет, вели шармантната Шарлин.
Името на бендот доаѓа од филмот „Париз, Тексас“. Шарлин раскажува дека Тексас им изгледало како сончево и топло место, спротивно од Шкотска, па поради тоа решиле да го земат како име на бендот. За време на нивната прва посета на американската сојузна држава, сепак тие сфатиле дека Тексас изгледал поразлично од што очекувале.
– Жителите на Тексас прво мислеа дека сме „кантри“ бенд, а кога им објаснивме дека сме од Шкотска, се чудеа како бенд од Глазгов се вика „Тексас“, раскажа Шарлин.
Групата „Тексас“ е формирана во 1986 година во Глазгов, Шкотска од Шарлин Спитери како водечки вокал и Џони Макелхон. Досега има издадено девет студиски албуми, со над 40-милионски тираж. Во моментов одржува светска турнеја за промоција на последниот албум насловен „Jump on Board Live Tour“.