Марионетската власт предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со нејзините странски газди спремаат апсење за лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, по референдумот, поради наводна инволвираност за настаните од 27 април, минатата година, во Собранието на Република Македонија, рече потпретседателот на партијата, Драган Угриновски, по што додаде дека веќе е измислен начинот, поводот и технологијата како да се изведе оваа акција.
Како што вели Угриновски, Јавното обвинителство за организиран криминал кое ја води постапката против 33 обвинети лица за настаните од 27 април, има извршено разговор со заштитен сведок под кодно име „Ц1“ кој изјавил дека претседателот на ЕМ, Јанко Бачев бил вмешан во настаните од 27 април, така што ги префрлувал лицата учесници кои сега се обвинети, на сигурно во јужна Србија.
„Ова е монструозна и нездрава конструкција со цел преку заштитен сведок да се измисли лажна инволвираност на претседателот Бачев“, рече Угриновски.
Како што кажа потпретседателот на партијата, записникот од разговорот со заштитениот сведок бил доставен во поштенското сандаче во седиштето на партијата.
Угриновски не сакаше да го покаже целосниот записник од разговорот и не одговори на прашањето за кои лица конкретно станува збор, ниту пак за бројот на лицата кои наводно Бачев ги префрлувал во Србија.
„Може да не следат, прислушкуваат, да ми се закануваат со апсење, но нема да дозволиме да ни го скршат духот и ќе победиме во оваа битка референдумот да не успее. Процесот кој од поодамна го започна Единствена Македонија за паѓање на оваа власт, веќе е тргнат храбро и решително во интерес на народот и ништо повеќе не може да го сопре. Ова е борба во која сме сите ние спремни да живееме, работиме ако треба и ќе умреме за Македонија“, рече Угриновски.
Виктор Јованов