Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниве денови во Виница ќе изврши вонредни контроли кај сите оператори кои произведуваат, подготвуваат и вршат дистрибуција на храна, соопштија од АХВ, откако изминатава недела во Виница 215 лица побарале итна медицинска помош поради труење со храна.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со епидемиолог од Центарот за јавно здравје и претставници од Санитарно здравствениот инспекторат, викендов во Виница поради други 50 лица затруени од храна извршија вонредна инспекциска контрола во угостителски објект – сендвичарница кој е времено затворен соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Од страна на инспекторите за храна, угостителскиот објект е времено затворен, наредени се мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот. Земени се мостри од храната, за која Агенцијата ги чека официјалните резултати од лабораториското испитување, иако првичните наоди говорат дека се работи за бактериска загаденост, стои во соопштението од АХВ.
Затруените лица се вработени во погон на фабрика за производство на мебел, за која оваа сендвичарница согласно договор, дистрибуирала храна два пати во текот на неделата.
Виктор Јованов