Фундаментите на индустријализација се поставени преку Планот за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, следува фаза на сузбивање на бирократијата и обучување на кадар соодветно потребен на економијата, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од Прилеп.
Тој денес го посети тутунскиот комбинат и заедно со Министерот за економија, Крешник Бектеши, Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски и Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, присуствуваше на свеченото примопредавање на опремени кабинети и лаборатории во средното општинско училиште Ристе Ристески – Ричко од Прилеп донација од компанијата Филип Морис ТКП.
Токму овој профил на донации се инвестиција во иднината на земјава – во младите порача Анѓушев.
„Денеска сме во работна посета на Тутунски комбинат, каде после долги години агонија состојбата се стабилизира и по долгогодишните загуби, се надеваме на позитивни резултати. Ја посетивме фабриката каде е донесена нова машина од Филип Морис што е пуштена во работа и позитивно влијае вез зголемувањето на производството – тоа е резултат на добро раководење на компанијата, но и на стратешкиот договор со Филип Морис.
Драго ми е што денес се наоѓаме во средното училиште Ристе Ристески – Ричко од Прилеп каде се едуцираат кадри – децата се иднината на Македонија. Обезбедување на квалитетен и соодветен кадар е проблем со кој се соочува целата индустрија. Сакам да ја изразам благодарноста што компанијата донираше лабораторија за учениците и опреми кабинети – се надевам ова ќе биде поттик и за другите компании да го следат примерот. Ние како држава работиме на создавање на кадар соодветен на потребите на пазарот преку воведување на дуалното образование и практикантство со што ќе се реши акутниот проблем на невработеност и ќе се задоволи побарувачката на пазарот на труд.