Денеска, во просториите на Министерството за надворешни работи во коорганизација со Секретаријатот за европски прашања и Кабинетот на Премиерот на Владата на Република Македонија, се одржа Конференција на тема „Искуствата во пристапните преговори – како треба, а како не треба“ на која воведни обраќања имаа Калинка Габер, државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања, и Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за пристапни преговори и соседска политика, а пред присутните своите искуства и добри практики ги разменија Бојан Маричиќ, главен технички преговарач, Андреј Енгелман, поранешен член на преговарачкиот тим на Република Словенија, Владимир Атељевиќ, член на преговарачкиот тим за Поглавја 30 и 31 од Република Србија и Драгана Марковиќ, советник на главниот преговарач на Црна Гора.
“Имајќи предвид дека Република Македонија влегува во последната фаза од процесот на европска интеграција, односно започнува со подготовките за пристапни преговори,моментот на одржување на оваа Конференција не можеше да биде поподобен, имајќи го предвид фактот дека неодамна ги исцртавме контурите на преговарачката структура, но и дека деновиве интензивно се подготвуваме за првиот објаснувачки скрининг за Поглавјето 23 кој ќе се одржи идната недела во Брисел – потенцираше државната секретарка Габер во воведот од своето обраќање пред присутните.
После усвојувањето на заклучоците на јунскиот Советот на ЕУ, потврдени од Европскиот совет со кои се определува јасна можност за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година, Република Македонија влегува во следната фаза од нашите односи со Европската унија, а тоа е процесот на скрининг, што воедно претставува логична последица на сите случувања од изминатава година и половина кога Владата покажа конкретни резултати во спроведувањето на реформите и затворањето на отворените внатрешни прашања како внатрешно така и со соседите.
Во овој контекст, Владата ќе остане фокусирана на итните реформски приоритети преточени во План18, покажувајќи дека има политичка волја и административен капацитет да го задржи реформскиот моментум и да ги убеди земјите членки на ЕУ, особено оние кои имаат одредени резерви, дека во јуни 2019 година заслужуваме датум за почеток на пристапните преговори.
“Eропската интеграција е стратешка цел на земјата уште од времето на нејзиното осамостојување. Тоа е цел која е безусловно поддржана од сите политички партии, сите општествени чинители и што е најважно од граѓаните на Македонија – со еден збор членството во ЕУ е најјакиот кохезивен фактор и главна движечка сила која не обединува по сите основи што за една мултиетничка и мултиконфесионална земја, со специфична географска местоположба, е повеќе од политичка флоскула – истакна Габер.
Европските интеграции не се магично стапче. Тие не се нашата панацеа. Апсолутно сме свесни дека мораме да продолжиме да работиме на состојбата на нашата демократија и владеењето на правото, борбата против корупцијата, но и економската и социјална благосостојба. Но, пристапните преговори ни даваат смисла и цел. Затоа ни требаат – заради тоа што на тој начин реформите ќе бидат канализирани низ јасен и прецизно дефиниран процес на таргети, контрола и испорака. Преговорите ќе бидат своевидно признание за нашата зрелост – како за внатрешните постигнувања на реформската агенда, така и за значајните достигнувања на нашата надворешна политика, особено на планот на добрососедските односи.