Богатството на македонскиот јазик се состои токму во тоа што се збогатува и се збогатуваше во една повеќејазична средина и тоа во минатото, како и денес. Токму тоа збогатување му овозможило на македонскиот јазик да опстане и да се развива дури и во периодот кога воопшто немал стандардна норма.
Ова денеска го истакна еден од најпознатите македонисти во светот и надворешен член на МАНУ Виктор Фридман во своето предавање на тема „Богатството на македонскиот јазик“.
– Македонскиот јазик воопшто не е загрозен затоа што децата во било кое македонско село, маало, зборуваат на македонски. Тоа продолжува и продолжува, а тоа е живот на јазикот. Значи штом децата зборуваат на македонски јазик, тој не е загрозен, изјави Фридман.
Тој посочи дека со вековите македонскиот јазик бил зачуван од говорителите, Македонци, Албанци, Грци, Турци…, затоа што сите комуницирале на разни јазици.
– Кога се работи за правилно зборување, идејата на правилно е нешто понова, од 19 век. Секој човек знае да зборува, но треба да признаваме дека има нивоа на јазикот, има формално и разговорно. На пример кога одите на свадба, одите со најубавата облека, а кога одите на работа или на одмор со друга. Јазикот е исто како и облеката, рече Фридман.
Соопшти дека македонскиот јазик има многу побогата граматика особено со глаголот од сите други словенски јазици затоа што бил во контакт со другите балкански јазици во текот на вековите.
Фридман одржа стручно предавање за историска фонолгија пред академици, универзитетски професори и студенти. На предавањето присуствуваа и претседателот на МАНУ акдемик Таки Фити и дописниот член на МАНУ Марјан Марковиќ. Според Марковиќ, среќа е за Македонија што имаме таков научник и што по пензионирањето зема активно учество во работата на МАНУ.