Во кривичниот суд во Скопје со сослушување на четворица сведоци продолжи судското рочиште за 27 април, познат како крвавиот четврток.
Прв сведочи Сашко Коцевски, самостоен референт во системот за електронско гласање и мониторинг.
Коцевски, рече дека до 20 март и самиот бил учесник во протестите на иницијативата „За заедничка Македонија” и дека како учесник добивал насоки од претседателите на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ против тиранската платформа. Коцевски во одговор на прашањето на обвинителката Русковска, рече дека организатори на иницијативата биле Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски.
Судијката Кацарска го предупреди да не се осврнува на политичкиот контекст, туку да ја говори фактичката состојба која ја засведочил.
Коцевски рече дека им рекле да се заклучат во собата за техничка режија оти влегол народ во Собранието. Таму, како што рече, биле од 18.40 до 20 часот.
„Останавме заклучени. Се обидувавме да стапиме во контакт со генералниот секретар на Собранието, Жарко Денковски”, рече сведокот.
Денковски ги побарал подоцна, но освен што прашал за опремата, не се заинтересирал како се и дали може да помогне во нивното извлекување.
Додека биле заклучени во собата, се слушало викање, тропање и истрели: „Почнаа да викаат: Отворете, отворете! Излезете комуњари”, рече Коцевски пред судот.
Се присети дека на колешката раководителка и’ дал дијазепам за да се смири. Сведокот рече дека се скриле зад регалот оти стравувале за да не се одбие некој куршум.
Коцевски рече дека од собата ги извелкол Горан Ѓошевски Леви заедно со тројца од собраниското обезбедување, кој ги спречил лицата кои биле дел од толпата да ги нападнат зашто „биле нивни“.
Освен Коцевски, денеска треба да сведочат и пратеникот Ферид Мухиќ, Курто Дудуш и новинарката Душица Мрѓа.
Васко Маглешов