Турција останува силен поддржувач на стратешките цели на Република Македонија и е подготвена за сета неопходна помош, е заклучокот од билатерлната средба со турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу, со која македонскиот претседател Ѓорге Иванов го заврши учеството на 49. Минхенска безбедносна конференција.
Во разговорите со шефот на турската дипломатија, информираат од Кабинетот на Претседателот, се поздравени успешните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, потврдени преку интензивната политичка соработка и честите средби на сите нивоа.
Иванов и Давутоглу на средбата ја реафирмирале подготвеноста за продолжување на соработката и можностите за нејзино продлабочување, јави известувачот на МИА од МИнхен.
Најголем дел од разговорите биле насочени во размена на мислења и информации за актуелните случувања во регионот.