Се разгледуваат повеќе можности за изградба на нова болница на периферијата на Струга, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Болницата ќе се гради на државно земјиште на магистралниот пат Струга – Ќафасан, од десната страна. Во тек е изработка на генерален урбанистички план на оваа локација, каде дел од земјиштето ќе биде наменето за здравствена дејност.
Ресорниот министер информира дека биле во преговори со потенцијални партнери кои би изградиле болница, а во замена да го добијат земјиштето на сегашната болница. Ваков проект, истакна дека реализираат со општина Ѓорче Петров и Министерството за труд и социјална политика, каде на местото кај амбулантата сакаат да изградат нова амбуланта и градинка.
– Тој модел сакаме да се имплементира и во Струга. Ние сме подготвени доколку тој модел не успее да инвестираме во нова болница, да најдеме начин за кредитирање, бидејќи оваа бројка на население што живее тука и експертите што работат во болницата во Струга заслужуваат тоа да го прават во современи услови, рече Филипче.
Неговиот заменик Асим Муса појасни дека додека на локално ниво тече постапката за урбанизација, паралелно, Министерството за здравство работи на изнаоѓање средства за изградба на болницата во Струга.
– Во октомври или ноември ќе заврши изработката на генералниот урбанистички план, со кој дел од земјиштето ќе биде пренаменето за здравствена дејност. Потоа ќе почне постапка за изнајмнување на трајно користење на земјиштето на Министертсвото за здравство, и постапка за правење проект за изградба на новата болница, појасни Муса.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко очекува дека за една до две години новата болница во Струга ќе стане реалност.
– Има начин како да најдеме средства и да изградиме нова болница, бидејќи му треба на населението, истакна Мерко, нагласувајќи дека општината ќе го ослободи инвеститорот од плаќање комуналии.