Општина Богданци по пат на електронско јавно наддавање ќе продава државно градежно неизградено земјиште во месноста „Барта“ со вкупна површина од над 30.000 метри квадратни по цена од 61 денар за квадрат.
Од Секторот за урбанизам појаснија дека предмет на продажба ќе бидат 10 парцели кои ќе бидат наменети за градење објекти за производство, дистрибуција, сервисни услуги и од лесната незагадувачка индустрија. Најмалата парцела има 1.775, а најголемата 4.557 метри квадратни.
Право на учество имаат физички и правни лица од земјата и странство кои електронски ќе достават пријави со потребната документација и ќе ја уплатат неопходната банкарска гаранција на сметката на локалната самоуправа во Богданци.
Пријавите треба да се достават најдоцна до 15 октомври, а електронското јавно наддавање ќе се изврши на 17 октомври во времето од 8:30 до 10:45 часот, одделно за секоја парцела во времетраење од 15 минути.