Владата на Република Македонија на последната седница ја усвои Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“ (2018-2027), а Македонија доби искрена поддршка и честитки за започнатиот процес на деинституционализација на 20. Сесија на Комитетот за правата на лицата со попреченост што се одржа неделава во Женева, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.
– Владата на Република Македонија е посветена да ги трансформира гломазните социјални установи кои нудат институционална грижа за различни категории корисници во социјални сервиси во лолалната заедница. Бројни активисти и лица со попреченост, ескперти, практичари, претставници на академската заедница, политички актери и јавни фигури дадоа значајна поддршка и придонес во овој процес, рекол во своето обраќање пред Комитетот Душан Томшиќ, посебен советник во Кабинетот на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, кој ја предводеше делегацијата во Женева.
Томшиќ, стои во соопштението, истакнал дека сериозноста на намерите на Владата и на Министеерството за труд и социјална политика за спроведување на процесот на деинституционализација се гледа во тоа дека е воведена нова буџетска линија за оваа намена на која на транспарентен начин можат да се видат финансиските средсва мнаменети за овој процес.
Во изминатите седум години, се посочува, период за кој се води дијалогот за Конвенцијата, се имплементирани бројни закони, што бараше дополнителни напори и посветеност од страна на Владата на РМ, но исто така и од страната на локалните самоуправи, граѓанските организации и секако неизостана поддршката од Меѓународните организации, како УНДП, УНИЦЕФ и ЕУ.
Делегацијата на Република Македонија, на Комитетот му ја искажал подготвеноста за прифаќање на препораките кои ќе пристигнат како резултат на дијалогот. Овие препораки, се подвлекува во соопштението, со должно внимание и приоритет ќе бидат разгледани на новоформираното владино тело за координација на спроведувањето на Конвенцијата.