Русија, Иран и Турција планираат да организираат меѓународна конференција за враќање на сириските бегалци во нивните родни места. Тоа го изјави денеска на седница на Советот за безбедност на ОН рускиот амбасадор во меѓународната организација Василиј Небензја.
Во врска со состанокот на претседателите на Русија, Иран и Турција, на 7 септември, во Техеран, дипломатот рече дека „странските гаранти” разгледувале како да се дејствува за „масовно враќање на сириските бегалци и внатрешно раселените лица”.
Според зборовите на Небензја, големиот придонес во остварувањето на таа задача би имала една меѓународна конференција и трите држави сега се фокусирани за остварување таква цел.
Пред Советот за безбедност, Василиј Небензја ја повтори руската теза дека се присутни „неспорни докази” дека во Сирија се подготвува провокација со хемиско оружје, за што противниците на сирискиот претседател Башар ал Асад наводно ќе ги обвинат владините сили.