Триесетина граѓани излегоа на протест пред Македонската академија на науките и уметностите да го изразат својот револт за договорот со Грција и промената на името на Република Македонија.
Во МАНУ се одржува научна расправа на тема Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатланските интеграции на Република Македонија на која учествуваат премиерот Зоран Заев, Бујар Османи, американскиот амбасадор Џес Бејли и останати дипломати од различни земји.
Граѓаните кои протестираат загрижени од загрозувањето на независноста на Република Македонија побараа оставка од Владата на Заев.
Тие побараа прием на денешната расправа во МАНУ каде што ќе ја достават, како што велат, декларацијата на македонскиот народ за неговите црвени линии и стратегија за зачувување на името, идентитетот, јазикот, историјата и културата на државата.
„Свесни сме дека сме систематски манипулирани, злоупотребувани, обесправувани и третирани како граѓани од втор ред во својата сопствена татковина која не ја разбираат меѓународната политика и соодветните внатрешни игри што се одвиваат во нашата држава. Незадоволни сме од тоа што наместо да бидеме консултирани и информирани за работите кои се во нашиот национален интерес, нам ни се сервираат политики кои се во најдобриот интерес за други држави и народи, а со што се разнишани темелите на постоењето на РМ и македонскиот народ“, стои во декларацијата која граѓаните ја поднесоа до МАНУ.
Ана Бобинкова од здружението „Преродба“ на денешниот протест истакна дека расправата која се одржува во МАНУ е противзаконита и треба веднаш да биде прекината.
Елизабета Чегарова Матевска од здружението „Македонска преродба“ на протестот рече дека спогодбата од Преспа е непифатлива, а МАНУ е таа која треба да се ангажира за македонизмот, а не да го продава.
-МАНУ наместо да биде бастионот на заложбите за одрана на македонскиот народ и македонизмот, соочени сме со една непринципиелна поддршка на МАНУ на спогодбата во Преспа. Со оваа спогодба македонизмот се предава на друго население кое нема допирна точка со македонските вредности, рече Чергова Матевска.
Таа исто така кажа дека граѓаните се незадоволни од вчерашните изјави на академиците од МАНУ кои истакнаа дека ќе се борат да ги задржат имињата на Македонска филхармонија, МАНУ, Македонски театар и останатите институции кои во своето име го содржат зборот Македонија.
– Да не се залажуваме јасно е искажано во спогодбата како ќе биде, името македонски засекогаш ќе биде избришано, вели Чергова Матевска.
Виктор Јованов