Минхенската конференција е најеминентен форум за прашања од областа на безбедноста и тука секогаш се отвораат темите кои се и во наш интерес, затоа што тоа се предизвиции за регионот но и за глобалната состојба.
Учествувајќи на вакви форуми секогаш укажувам на тоа за што се залагаме ние бидејќи имаме активно учество со 18 ротации во мисијата ИСАФ во Авганистан, секаде каде што сме повикани учествуваме во мировни мисии и придонесуваме за стабилноста во нашиот регион.
Ова го нагласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска веднаш по отворањето на 49. Минхенска безбедносна конференција од страна на германскиот министер за одбрана Томас де Мазиер, на која е придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Претходно претседателот имаше средба со шефот на дипломатијата на Кралството Шведска Карл Билд, кој, како што истакна е голем поддржувач на Македонија. На средбата станало збор за се она што не очекува во евроинтеграцискиот процес, за шведските искуства и за сето она што може да ни помогне во таа насока.
– Разговаравме и за предизвиците со кои се соочуваме, но и за тоа како треба да гледаме на европската агенда бидејќи извесно е добивањето датум што го очекуваме. Затоа, сето она што се случува во Македонија го попречува она што го очекуваме да го добиеме, изјави Иванов, јави известувачот на МИА од Минхен.
На новинарско прашање каква е пораката од Билд во однос на актуелнтие политички случувања во Македонија претседателот Иванов потенцира дека сите се добро информирани затоа што, подвлече, ЕК ги известува за сите превземени активности за да се најде начин опозицијата да се врати во институциите и тие да функционираат и да дадат резултати во однос на европската агенда.
За утре е најавена и средба со министерот за надворешни работи на Турција Ахмед Давутоглу, како и со видни функционери од повеќе земји на кои ќе се потенцираат сите прашања од сферата на безбедноста и уделот на РМ во меѓународните мисии.