Околу 400 затвореници вчера избегаа по бунт во затвор во јужно предградие на либискиот главен град Триполи, каде една недела се водат битки, соопшти затворската полиција.
– Затворениците ги скршија вратите и излегоа по нереди и бунт, поттикнати од судирите меѓу сопернички милиции во близина на затворот Ајн Зара, соопшти полицијата. Чуварите дозволиле тоа да се случи за да ги спасат животите на затворениците.
Од минатиот понеделник сопернички вооружени групи се борат со тешко оружје во јужното предградие на Триполи. Во нив се убиени најмалку 40 и повредени се 100 лица, од кои повеќето се цивили.
Владата во Триполи, која е поддржана од ОН, прогласи вонредна состојба во главниот град поради сериозността на состојбата.
Таканаречената Либиска национална армија, која е под команда на маршалот Халифа Хафтар, соопшти дека е подготвена да се вмеша во судирите, и да воведе ред во Триполи, соопшти извор од армијата во источниот град Бенгази.