Европската Канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО) за МИА изјави дека е значајно опаднат бројот на барања за азил со потекло од Македонија во земјите на Европската Унија, во последните шест месеци.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во јануари 480 македонски државјани побарале азил во Европа, во јуни оваа бројка паднала на 276.
Во меѓувреме, барањата за азил по месец се следните: февруари – 372, март – 467, април – 392 и мај – 319.
Канцеларијата не коментира за основите, ниту причините поради кои лицата бараат азил, но информира дека во Германија е забележан највисокиот број барања за азил од Македонија.
Падот на барањата за азил се постојан тренд, кога ќе се споредат со претходните години. Од “кризата“ со азилантите по ослободувањето од визниот режим, кога илјадници македонски државјани масовно бараа азил во ЕУ земјите, во 2017 бројките сепак сѐ уште биле релативно високи.
За 2017 рекордни 920 македонски државјани побарале азил во ЕУ во месец март, додека најниска бројка е во месец септември со 411.
Јануари – 556, февруари -550, април – 683, мај – 463, јуни – 559, јули -565, август – 417, октомври – 503, ноември – 573 и декември – 507, се останатите бројки за минатата година, велат од ЕАСО за МИА.
Во Албанија, пак, бројките се драстично поголеми, иако се забележува мал тренд на намалување. Па така во март 2018, 1744 албански државјани побарале азил во ЕУ, што е повеќе и од јануари 2018 со 1630 апликанти, но и од јуни 2018 со 1505. Претходниот месец, 1511 албански државјани сметале дека им е потребна меѓународна помош.
Во текот на 2017, постигната е бројката од 2483 баратели на азил од Албанија во ЕУ.
Земјата со најголеми апликации од Албанија е Франција, каде 12.129 државјани побарале азил.
Од белгиската канцеларија за странци, пак, информираат дека албанските државјани биле во првите десет земји кои барале азил во Белгија во првите шест месеци на 2018, пред Еритреа и Конго.
Според повеќе дипломатски извори во Брисел, главната причина за отпорот на Франција кон доделувањето датум за преговори на Албанија во јуни била токму оваа висока стапка на баратели на азил.