Европската Комисија изјави дека не и се допаѓа новиот белгиски закон со кој дописниците во Брисел и редакциите ќе треба да плаќаат 100 евра годишно за да известуваат од Самитите на ЕУ, и дека е подготвена да ги разгледа поплаките од поединци и организации.
Одлуката на белгиската влада не беше соопштена претходно, ниту беа консултирани институциите на ЕУ и самите новинари. Новинарите веста ја открија при обидот да се акредитираат за следниот Самит на ЕУ во октомври. Во процедурата за акредитација белгиската влада бара од новинарите, камерманите и фотографите да плаќаат 50 евра секои шест месеци, за да се покријат безбедносните трошоци за Самитите.
Дописниците и новинарските здруженија бурно реагираа на веста. Белгиското здружение на новинари побара од владата да се откаже од новата давачка, додека Меѓународната асоцијација на новинари истакна дека станува збор за дискриминаторски закон, бидејќи давачката се однесува само на новинарите со редовен престој во Белгија, односно дописниците. Дополнително, новинарите кои не се вработени во редакции, туку работат на фриленсерска основа, ќе бидат многу попогодени од другите, истакнува здружението. Мерката не ги зема предвид ниту финансиските разлики помеѓу новинарите од побогатите и посиромашните земји.
Коментар во влијателниот весник Политико Европа утрово предупредува дека ваквата мерка би можела да и отвори врата на Русија да финансира новинари во Брисел, додека работата на независните новинари би била загрозена.
-Нема слободни медиуми без слободен пристап, пишува Политико Европа.
Од Европската Комисија изразија незадоволство од оваа мерка, исто така.
-Не ни се допаѓа овој закон, изјави денеска на редовниот брифинг за новинари портпаролката на ЕК, Мина Андреева, и потврди дека ЕК ќе ги разгледа поплаките доколку бидат поднесени од страна на поединци или организации. Андреева додаде дека ЕК смета оти новинарите треба да можат да работат во најдобри можни услови.
Од Советот на ЕУ, каде се одржуваат Самитите, прецизираат дека давачките нема да се однесуваат само на новинарите туку на сите поединци кои присуствуваат на Самитите и треба да поминат низ безбедносни контроли. Давачките нема да се однесуваат единствено на националните дипломати бидејќи за нивните безбедносни контроли се задолжени нивните национални власти, изјави Ромен Саде.
Со оваа давачка белгиската држава би обезбедила најмалку 100.000 евра годишно само од дописниците за безбедносните потреби, но, како што истакнува порталот Еурактив, Европската Унија веќе и исплаќа на Белгија милионски суми за обезбедувањето на Самитите на ЕУ.
Белгиската влада засега не реагираше на критиките упатени до неа.