Спортскиот директор на Формула 1, Рос Браун вети дека сопствениците на Формула 1 – „Либерти медија“ ќе сторат сé за да ја спасат Форс Индија.
Коментарот на Браун доаѓа откако во саботата екипата од Силверстоун влезе под стечај поради неможноста да ги исплати долговите кон доверителите. Еден од овие доверители е мексиканската ѕвезда на тимот, Серхио Перез.
Според информации на „Ауто Мотор унд Спорт“ единствената пречка за потенцијалните купувачи на тимот е фактот дека три конкурентни тима не се согласуваат Форс Индија да добие предвремено готовински бонус. За да може Форс Индија да остане во бонус систем по промената на сопственикот, потребно е едногласна одлука од останатите тимови. За сега, сепак, Мекларен, Рено и Вилијамс се против тоа да се случи.
Браун, кој го искористи својот традиционален брифинг по завршувањето на трката за Големата награда на Унгарија, изјави: „Формула 1 ќе стори сé за да се осигура опстанокот на тимот и јас лично се надевам дека работите ќе се разјаснат во наредните денови и недели пред ГП на Белгија на 26 август. Во последните години Форс Индија е совршен пример за тоа што може да се постигне со лимитирани ресурси, покажувајќи дека е многу важно што и како правиш, а не колку ти е голем буџетот“.
Тимот на Форс Индија успеа да заврши четврти на табелата кај конструкторите во последните две сезони, а пред нив остануваше само големото трио Мерцедес, Ферари и Ред Бул. Оваа година, сепак, тие направија чекор назад откако избраа да не конструираат нова шасија, туку само да ја надградат таа од сезоната 2017.