За време на официјалниот престој на претседателот Ѓорге Иванов на Државата Катар, неговата сопруга Маја Иванова го посети „Шафалах Центарот за деца со посебни потреби“.
Иванова посети повеќе оддели на „Шафалах Центарот“, при што особен интерес пројави за Одделот за аутизам и Одделот за медицинско-генетско истражување, јави известувачот на МИА.
Домаќин на Иванова беше претседателот на „Шафалах Центарот“, Хасан Али Бин Али, кој е и претседател на организацијата „Уан Билион Стронг“, каде Иванова е член на почесниот одбор. „Уан Билион Стронг“ е глобална иницијатива за помош на лица со посебни потреби, основана од Шеика Моза, сопругата на Емирот од Катар.
За време на посетата Иванова го запозна Бин Али со постоечките програми за децата со посебни потреби во Република Македонија.
Во оваа пригода беше даден предлог меморандум за разбирање предложен од „Шафалах центарот“ за соработка со Македонската академија на науките и уметностите во областите од образованието, науката и генетиката.
Иванова се заблагодари за овој предлог кој ќе биде разгледан од МАНУ по нејзиното враќање во Македонија.
Вчеравечер Иванова имаше работна вечера со сопругата на емирот од Катар, Шеика Моза при што беа разменети мислења и идеи за соработка во областите кои се преклопуваат во нивните активности, особено за програмите за децата со посебни потреби.