Македонската делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов, во рамки на официјалниот престој на Катар, денеска го посети Паркот на науката и технологијата во Доха, јави известувачот на МИА.
Овој Научно-технолошки парк ги развива технологиите во енергетиката, животната средина, здравството и информатичко-комуникациските технологии. Се простира на 15 милиони метри квадратни, во близина на Доха. Има мали компании, меѓународни корпорации и истражувачки институти кои здружено финансираат интелектуална сопственост, иноватни производи согласно Националната програма на Катар до 2030. Го поддржува економскиот и човечкиот развој во Катар и е признаен како мотор за истражување, иновации и претприемаштво.
Во 2006 година Катар објави дека за истражување ќе троши 2,8 проценти од БДП што е речиси петпати повеќе од Европската унија.
Македонскиот претседател попладнево ќе одржи предавање на тема „Балканот и Заливот: крстосница на цивилизациите“ на Универзитетот Џорџтаун во Доха.