Грчките медиуми внимателно ја најавуваат новата рунда разговори на медијаторот Метју Нимиц кој денеска и утре ќе се сретне со претставниците на Македонија и на Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
Освен некои националистички интернет портали, кои превидуваат неуспех на разговорите, другите медиуми воглавно објавуваат само најава за средбите. Според „Скај“, дводневните контакти се продолжение на консултациите што се одржаа во Атина и Скопје на почетокот на јануари, „за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за горливиот проблем со името на соседната земја“.
Информативниот портал „Њузнау“ пишува дека разговорите се одвиваат во услови кога Грција е економски и дипломатски ослабена поради финансиската криза, а Македонија се соочува со економска и внатрешно-политичка криза, и затоа успешниот исход од средбите во Њујорк е доведен во прашање. Сепак, според порталот, овој период може да биде и совршена можност за решение. Во тој случај „Грција би се ослободила од едно хронично прашање во нејзината надворешна политика и би се зајакнал преговарачкиот кредибилитет на Владата – дома и во странство, додека Македонија ќе добие билет за интеграција во евро-атлантските институции и политичка стабилност на Владата во земјата“.
Провладиниот „Катимерини“ во својата последна анализа на оваа тема пишуваше дека „Нимиц работи тивко, но ефикасно и оти прашањето за името влезе во клучна фаза“. Според весникот, двете влади дискутираат и не откриваат за што се разговара што потврдува дека овој пат се работи за „сериозни дискусии“. Според весникот, „грчката политичка географија води до цврст заклучок дека решението што ќе го потпише сегашниот премиер ќе има поддршка не само од трипартиската влада, туку и од опозицијата. Од Алексис Ципрас ќе биде побарано да демонстрира сериозност и реализам кои треба да карактеризираат лидер кој тврди дека има моќ, без да се загрозат позициите и идеологија“.
Во Грција засега се почитува доверливоста на разговорите на Нимиц со претставниците на Македонија и Атина. И заменик-министерот за надворешни работи Константинос Цириас во последната дискусија во Парламентот на оваа тема го нагласи „високо чувствителниот карактер на разговорите за чија содржина Грција јасно дека се има обврзано дека нема да ја открие“ и оти „никој не може да открие ништо повеќе од тоа што Нимиц го кажува“.
Во Атина се добива впечаток дека Грција навистина е подготвена за решавање на ова долгогодишно прашање за името на нашата земја, но се разбира под нејзини услови. Дипломатски извори продолжуваат со тврдењата дека интензивирањето на процесот на преговори е резултат на грчкиот Меморандум за разбирање, кој во последно време е одговор од грчка страна на кое било прашање поврзано со името.