Во Гевгелија денеска заврши дводневниот македонско-бугарски собир за развој на туризмот, односно дводневната обука во рамки на ИПА проектот за прекугранична соработка со Бугарија.
Имплементатори на проектот се Фондацијата за локален развој од Гевгелија и Центарот за подршка на претприемништво од Бугарија.
Според Ристо Атанасовски, раководител на гевгелиската фондација, проектот ќе трае една година. Негови специфични цели, рече тој, ќе бидат зголемување на конкурентноста во туристичкиот сектор, стимулирање на соработката преку трансфер на знаења, размена на искуства и вмрежување на заинтересираните страни, а целни групи како што истакна, ќе бидат малите и средни претпријатија, ресторани, хотели, туристички агенции и општински центри за култура од пограничните региони.
На крајот од годината проектот треба да заврши со формирање на Туристичка асоцијација во Гевгелија.