Пакистанскиот антикорупциски суд денеска ја изрече долгоочекуваната пресуда во процесот за корупција против поранешниот премиер Наваз Шариф, со која го осуди на 10 години затвор поради купување луксузни станови во Лондон.
Шариф, кој се наоѓа во Лондон заедно со болната сопруга, не присуствуваше во судницата и беше осуден во отсуство. Малку е веројатно Исламабад да побара негова екстрадиција, а самиот поранешен премиер повеќепати изјави дека еден ден ќе се врати во земјата, за да се појави на другите процеси против него.
Тоа е прва пресуда против поранешниот премиер против кого се водат голем број судски процеси, откако минатата година беше сменет од власта до страна на Врховниот суд поради криење на средства во странство.
Пресудата претставува сериозен удар за неговата партија Пакистанската муслиманска лига пред парламентарните избори овој месец.
Во писмениот заклучок судијата Мохамед Башир изјави дека Шариф и неговото семејство не можеле да го докажат потеклото на парите користени за купување неколку луксузни имоти во Лондон во 90-тите години на минатиот век и дека не прикажале трансакции на даночните власти.
За истото дело, кое се должи на панамските документи, ќерката на Шариф, Маријам, која многумина ја сметаат за негов политички наследник, беше осудена на седум години затвор поради давање на лажни информации на иследниците. Нејзиниот сопруг, Мухамед Сафдар е осуден на една година затвор.
Судијата, исто така, одреди парична казна од осум милиони фунти за Шариф и два милиона фунти за Маријам и нареди имотот на семејството во Лондон да биде конфискуван во корист на пакистанската влада.
Партијата на Шариф ја осуди пресудата како тешка неправда кон популарниот поранешен лидер и ги повика своите поддржувачи да излезат и да гласаат за нејзините кандидати на изборите на 25 јули.
Поранешниот премиер и неговата ќерка се во Лондон, каде што сопругата на Шариф, Кулсум, се лечи од рак и е во кома по срцевиот удар минатиот месец.