Во Солун доцна попладнево започна заседание на Советот за соработка на високо ниво меѓу премиерите на Бугарија, Грција и Романија, Бојко Борисов, Алексис Ципрас и Виорика Данчила и претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Во фокусот на разговорите на лидерите на балканската „четворка“ е забрзувањето на имплементацијата на заедничките транспортни и инфраструктурни проекти, а ќе стане збор и за продлабочување на регионалната стабилност.
Тоа е четврта средба по ред во тој формат. Првиот Совет за соработка меѓу лидерите на четирите држави се одржа во Варна, а негов домаќин беше бугарскиот премиер Бојко Борисов. Следеа состаноци во Белград и Букурешт, а домаќин на денешната средба во Солун е грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Министрите за транспорт на четирите земји одржуваат паралелен состанок во Солун за да разговараат за продлабочување на соработката за патните и железничките врски.
На состанокот, исто така, се разговара и за зајакнување на соработката помеѓу четирите земји за подобрување на транспортната поврзаност во регионот.