Максути на Рос-Рот семинарот: За Македонија, безбедноста и просперитетот се синоними за членството во НАТО и ЕУ

Од:

Македонија дава големо значење на евроатлантските интеграции, кои се најважните одбранбени и надворешно-политички цели и на Владата. Горд сум што во многу краток период ние добивме позитивни коментари и поддршка од НАТО и од соседните земји за членство во Алијансата и во Унијата“, рече заменик-министерот за одбрана, Беким Максути на четвртата сесија на семинарот Рос-Рот, насловена „Земји-НАТО-Аспиранти од Западниот Балкан: Патот Напред“.

Заменик-министерот истакна дека евроатлантската интеграција на Македонија е синоним за безбедност и просперитет и дека таа е предмет на меѓуетнички и политички консензус во државата. Максути додаде дека интеграциските процеси се и патоказ, но и водечка сила во реформските зафати.

– Поттикнавме една позитивна атмосфера и навлеговме во реформските процеси со решителност и одлучност. Повторно воспоставивме добрососедски односи и регионална соработка, демонстрирајќи дека споровите и разликите на Балканот можат да се решат на европски начин, а договорот со Грција е последниот позитивен пример за тоа, рече Максути.

Во однос на одбраната, заменик-министерот истакна дека Владата донесе одлука за сукцесивно зголемување на одбранбениот буџет за 0,2 процентни поени секоја година, до нивото препорачано од Алијансата, но и дека во рамки на Министерството интензивно се работи на донесувањето на клучниот документ кој ќе биде водилка во развојот на Армијата и Министерството, Стратегискиот одбранбен преглед. Тој документ, рече Максути, е важен за да утврдиме една долгорочна визија за развој на одбраната.

Заменик-министерот истакна дека приемот на Македонија во Алијансата позитивно ќе влијае на економската состојба, факт кој е видлив и преку искуствата на земјите кои веќе станаа дел од НАТО, како Словачка, Чешка, Романија, Бугарија и Албанија. „Безбедноста и економската состојба не се две различни полиња, зашто токму безбедноста и стабилноста се базични потреби за економски развој и позитивна инвестициска клима“, заклучи Максути.

Семинарот Рос-Рот е во организација на Парламентарното собрание на НАТО, во соработка со Собранието на Република Македонија. Темата на семинарот е Евроатлантската интеграција на Западниот Балкан како зајакнување на Европскиот мировен проект. Семинарот е дел од Рос-Рот програмата која има за цел да ја промовира парламентарната свесност, принципите на демократска контрола на вооружените сили и да развие ефективен надзор врз одбраната и вооружените сили.

Би можело да ве интересира

Собранието го усвои Законот за младински додаток, 3.000 денари за млади до 23 години

А1он

Собранието не го прифати предлогот за едно државјанство за министрите

Горан Наумовски

Собранието го донесе Законот за Советот на јавните обвинители

Собранието изгласа укинување на техничката влада

А1он

Собранието ја одобри постапката за укинување на техничката влада

Горан Наумовски

Собранието ќе расправа за законските измани за укинување на техничката влада