Изложба на етнолошки експонати „Килимарството во Тиквешијата”

Од:

Изложба на етнолошки експонати „Килимарството во Тиквешијата” е отворена денеска во Музеј галеријата од Кавадарци.

Директорката на Музеј галеријата, Весна Ѓорѓиева истакна дека на изложбата се презентира традиционалното народно уметничко творештво.

– Овие килими со прекрасни креации, мотиви и колорити се исткаени од вештите раце на нашите мајки, баби и прабаби. Се работи за еден сегмент од етнолошката збирка која ја поседува музејот, прибирана по пат на долгогодишни етнолошки истражувања, подарок или откуп. Традиционалното килимарство претставува една значајна нитка во националното народно уметничко творештво, нагласи Ѓорѓиева.

Кураторот на изложбата, Томе Крстевски, појасни дека претставени се триесетина килими кои потекнуваат од кавадаречко и биле сигурно дел од традиционалната македонска куќа. Посочи дека домашната изработка на килими и слични ткаенини кои служеле главно за покривачи, биле застапени во многу македонски краишта.

– Денес немаме доволно историски податоци врз кои би можеле точно да утврдиме кога и каде за прв пат во Македонија се појавило домашното килимарство. За употреба на килими се споменува во 16 и 17 век, кога турскиот патеписец Евлија Челебија го вбројува и Скопје меѓу килимарските центри од тоа време. Повеќе податоци за килимарството на Балканот упатуваат на Исток, од каде се пренела оваа културна придобивка со доаѓањето на Турците. Но, истовремено имаме и податоци дека килимарството било застапено и пред доаѓањето на Турците на овие простори. За изработката на килими во Македонија секако има влијанието на турското владеење, се прифаќале и ширеле ориенталните влијанија во уредувањето на домашните ентериери, рече Крстевски, кустос етнолог во музејот.

Разликуваме, додаде, изработка на градско килимарство, кое се проширило и по селата.

– Но, и покрај изобилството на орнаментални мотиви дојдени од страна, жените ткајачки во кавадаречко успеале со текот на времето да им дадат на своите килими ориентално обележје, како одраз на своите сопствени творечки способности и уметнички доживувања, рече Крстевски.

На тој начин, потенцира, традиционалното килимарство во Македонија се формирало како одделна и значајна гранка од народното уметничко творештво, со свој специфичен стил.

– Црвено-црната боја се среќава во материјалната и духовна култура на нашите простори и придонесува за збогатување на сознанијата и историјата на македонскиот народ и култура низ вековите како основа за постоење на националниот културен идентитет. Црвено-црната боја е боја на стремежот, енергијата, радоста, симбол за бојата на виното и крвта, стремежот за македонскиот непокор низ историјата. Црвено-црниот конец со кој македонската жена преку ткаењето создава приказна, преку симболите прераскажува делови од животниот циклус како раѓањето, бракот и умирачката, изјави Крстевски.

Додаде дека вештите раце на македонската жена преку ткаењето ни оставиле порака од едно изминато време, но и порака за нашата иднина во целост.

Би можело да ве интересира

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ

Нов детски фолклорен фестивал во Битола

Ана Ололовска

Фестивалот и натпревар „Инструментите на моите предци“

Ана Ололовска

КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце со Новогодишен концерт ги завршува годинашните настапи

Ана Ололовска

Онлајн промоција на првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“

Ана Ололовска