Во барањето за стопирање на 29 детални урбанистички планови во Општина Карпош од страна на советникот на Левица, Бранко Ристов не беа посочени ниту прецизирани конкретни забелешки за деталните урбанистички планови, за евентуалните спорни делови од истите.
Сепак, со цел да се обезбеди релевантен одговор по однос на Барањето, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев побара мислење од Министерството за транспорт и врски и Министерството за локална самоуправа како надлежни институции, да се произнесат по однос на правната основаност на Барањето за воспоставување на мораториум, велат за А1он и Макфакс од Општина Карпош.
Го очекуваме мислењето од Министерството за транспорт и врски и Министерството за локална самоуправа бидејќи секое барање за нова точка на Дневниот ред на седницата на Совет треба да биде правно основано и поткрепено, посочуваат од Општината.
Оттаму исто така велат дека не постојат никакви притисоци кон градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев или кон други лица од општинската администрација, ниту пак има било каков договор со изведувачите на зградите или пак некој од претходната владејачка гарнитура во однос стопирањето на ДУП-овите.
– Најдиректно посочуваме дека не постојат никакви договори ниту со изведувачи ниту пак со некој од претходната владејачка гаернетура. Напротив, во изминатиов период, новото општинско раководство покажа недвосмислена волја за справување со сите незаконски дејствија и активности на полето на урбанизмот кои се случиле во минатото.
Тоа се покажа со доставувањето на докази до Уставниот суд на Република Македонија, на поднесени иницијатива од страна на граѓани, велат од Општината.
Како што тврдат, од Општината е побарано времено запирање на два Детални урбанистички планови: ДУП за Градска четврт 3 05 и ДУП за Градска четврт 3 04, а исто така доставени се есенцијални докази преку кои, според нив, се гледа повредата на процедурата при носењето на овие планови, и очекуваме изјаснување на Уставниот суд.
-Градоначалникот на Општината и општинската администрација не молчат по однос на овие актуелни прашања. Преземавме конкретни активности и со нови докази ги поткрепивме иницијативите пред Уставниот суд. Исто така, на 17-ти април, оваа година, градоначалникот Стефан Богоев јавно го презентираше и Извештајот на Државниот завод за ревизија кој се однесува на материјално финансиското работење во кои се наведени голем број на законски повреди при работењето во Општина Карпош.
Овој Извештај беше доставен и до Основното јавно обвинителство на Република Македонија, како и до Управата за финансиска полиција, велат од Општина Карпош.
Виктор Јованов