Да се поедностават процедурите за апликација за да не се пролонгираат роковите и субвенциите да се плаќаат на време за да се искористат за реинвестиции на фармите, да се размислува за поддршка на малите земјоделци со површини под еден хектар на кои отпаѓаат речиси 60 отсто од вкупниот број во државата и да се поттикне производството согласно барањата на пазарот. Ова се клучните препораки содржани во анализата за ефектот од субвенциите во земјоделството, што изминативе неколку месеци ја изготвуваа експерти од ЕУ.
Според анализата која беше промовирана денеска во Министерството за земјоделство, субвенциите дале најголем ефект во сточарството, кај фармите кои одгледуваат добиток и произведуваат сточна храна, додека за другите сектори државата треба да воведе дополнителни, но и поинакви мерки.
Од малите фарми, пак, со површина под еден хектар, само еден отсто почнале да растат.
Анализата покажала и дека податоците за обработливото земјиште од различните бази на податоци не се совпаѓаат, а некои површини и воопшто не се регистрирани. Сличен е случајот и со пасиштата кои, како што беше сугерирано, ќе мора поконкретно да се дефинираат.
Во периодот 2014 – 2015 година со помош на субвенциите за 20 отсто се зголемил просечниот бруто приход на фармите, но не и нивниот физичкиот обем. Генерално, оние фарми што добивале субвенции ја зголемиле продуктивноста, а имале и повисоко ниво на тековни средства.
Во периодот, пак, 2009 – 2015 година, како резултат на субвенциите раст на производството е забележан кај овошјето и зеленчукот, но кај житата и индустриските култури трендот бил негативен. Исто така, е евидентиран дисбаланс во размената. Извозот бележел зголемување, но увозот растел многу побрзо.
– Ако сте земја-членка на ЕУ, во 2016 година поради задоцнетите плаќања би изгубиле 46 отсто од средствата за сточарството и 25 проценти за растителното производство. Толку всушност не би ви биле вратени, оносно покриени со европскиот буџет, истакна експертот од ЕУ Салваторе Карфи.
Презентирајќи ја анализата, укажа и дека е многу битно да се подобри квалитетот на локалните производи, тие да бидат добри колку што се добри оние што се увезуваат. Важно е, потенцира, да јадете национални производи со подеднакво добар квалитет како увезените.
-Кога дојдовме во Министерството, веднаш побаравме ваква анализа. Прелиминарните резултати покажуваат дека половина од обработливото земјоделско земјиште и пасиштата не се регистрирани поради што за нив, ако бевме сега членка на ЕУ, не ќе можевме да побаруваме пари од европските. Тука треба многу да се работи. Оваа анализа не треба да стои во фиока, туку треба да резултира со формирање експертски тим и нејзино користење во наредните години, напомена Трајан Димковски, шеф на Кабинетот на министерот за земјоделство.
Димковски потенцира дека мора да се земе предвид препораката од анализата – пазарот да биде водилка на производството, зашто што друго и да се работи, рече, ќе биде погрешно.
Експертскиот извештај што беше презентиран денеска, ќе биде доставен и офицајално во Министерството за земјоделство идната недела.