Во месноста Десетак, во општина Ранковце денеска беше означен почетокот на изградба на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка во должина од 23 километри, којшто според проекциите е планирано комплетно да биде завршен до 2021 година.
На локацијата присуствува премиерот Зоран Заев придружуван од министерите за транспорт и врски Горан Сугарески и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
– Денес во Ранковце беше означен стартот на изградба на експресниот пат кој ќе биде со должина од 23 километри и широчина 12,5 метри. Изградбата ќе се одвива во две фази, а инвестицијата изнесува приближно 58 милиони евра, средства од кредитна линија на Светска банка. На почетокот на следната година ќе почне доградбата на уште една коловозна лента на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, во должина од 13 километри. Градиме патна инфраструктура за развој на овој дел од Македонија, за да се обезбедат услови за движење на граѓаните по европски стандарди. Обезбедивме 270 милиони евра за изградба на патна инфраструктура во должина од околу 800 километри, изјави премиерот Заев.
Истакна дека паралелно во државата се одвиваат и активности за реконструкција на автопатите Скопје-Тетово и Кичево-Охрид, а во процес на изработка е, рече, и проектот за изградба на автопатот Кичево-Гостивар.
– Се очекува да биде распишан и тендер за изработка на проект за проширување на автопатот Тетово–Гостивар и реконструкција на делницата Струга-Ќафасан. Со изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка и Крива Паланка-Деве Баир, ќе се заокружи Коридорот 8 и поврзувањето на Црното со Јадранското Море, додаде Заев.
Според министерот за транспорт и врски Сугарески, Владата и Министерството заедно со ЈП Државни патишта се силно посветени на изградбата и реконструкцијата на патната инфраструктура во државата, согласно програмата на Владата и предизборната програма на СДСМ.
– Доказ за посветеноста во вложување во патна и железничка инфратсруктура е и тоа што во изминатите два месеца влезени во изградба се три експресни патишта: Градско-Дреново и Крива Паланка-Ранковце, како и Штип-Радовиш. Станува збор за вкупна патна инфраструктура од 80 километри и инвестиција во вреднсот од околу 130 милиони евра. Сакам да потенцирам дека на оваа делница Ранковце-Крива Паланка е исклучително важно поврзувањето со Бугарија и е патен правец исклучително важен за Коридор 8. Паралелно, ќе се реконструира постојнито пат Ранковце-Крива Паланка и ќе се догради дополнителна, трета лента до Деве Баир. Во овој регион во патна и железничка инфраструктура ќе бидат вложени над половина милијарда евра во патишта и трите делници од пругата, истакна Сугаревски.
Директорот на ЈП за државни патишта Китанов, изјави дека патот со должина од 23 километри ќе биде содржан од две коловозни ленти од 3,5 километри и дополнителни две помошни ленти со 2,20 метри широчина.
– Патот ќе биде широк 12,5 метри, но претставува еден дел од проектен автопат кој кога ќе се јави потреба да биде проширен, ќе биде подготвен и ќе може да се проектира, рече Китанов.
Според него, Проектот е наследен, но не можеше да биде отпочнат поради тоа што само пет отсто беше извршена експропријација на земјиштето, додека според стандардите на Светска банка, не може да стартува проект доколку не е завршена експропријација. Во моментот експропријацијата, додае, е завршена 98 отсто, а се очекува наскоро да се комплетира.
Дел од активностите за градба ќе бидат завршени за 30 месеци, додека дел, за 36 месеци. Изведувач на градежните работи се Гранит и Бетон, од Македонија и Италијанската компанија Тирена Скави.