Бизнисменот Сеад Кочан, заедно со уште Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, како обвинети во предметот „Труст“ на специјалното јавно обвинителство, на 3 јули во кривичниот суд ќе треба да преслушаат нови 10 бомби на специјалното јавно обвинителство. Од СЈО за „Макфакс“ потврдија дека станува збор за 10 јавно необјавени прислушувани материјали, кои биле пронајдени додека траела судската постапка.
Прислушуваните материјали до судот се предложени во дополнувањето на доказната постапка. Досега во овој предмет беа пуштени три прислушувани телефонски разговори од 2011 година, од кои два меѓу Кирил Божиновски, поранешен секретар на Владата, и Влатко Чинговски, поранешен директор на ЕЛЕМ и еден меѓу Никола Груевски и Влатко Чинговски.
Кочан и останатите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Судијката Лидија Трајковска Зимбовска на 12 и 13 јули, пак, ги закажа завршните зборови за случајот, по што се очекува да биде донесена пресуда за овој предмет на СЈО.
Кочан и останатите обвинети, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „ВАТО“ се обвинети дека со фалширани документи учествувале на тендер на „Електрани на Македонија“ во вредност од 17 милиони евра.
Васко Маглешов