Парискиот синџир слаткарници Фушон се надалеку познати по свои оригинални слатки десерти, при што своевремено лансираа и специјални еклери во партнерство со брендови како што се Лакоста, Тиери Муглер и Живанши. Сега оваа кондиторска компанија одлучи својот бизнис да го сврти во друг правец – отворање ланец од дваесет бутик хотели.
Првиот хотел своите врати ќе ги отвори за гостите на 1 септември годинава во францускиот главен град Париз. Хотелот „Фушон Л’Отел Пари“ е со пет ѕвездички и има 54 соби.
– Стратегијата се заснова на нашето портфолио коешто предвидува отворање на 20 хотели следните десет години. Фушон брендот е веќе длабоко вкоренет во кулинарската индустрија, па за нас отворањето сопствени хотели е сосем природен чекор, изјави директорот на компанијата, Оливие Шовен.
Хотелот пред се е фокусиран на гурманскиот аспект, со поволности како што се собни барови, налик на вообичаените хотелски мини-барови, во кои ќе имате огромен избор на бесплатни Фушон производи.
Брендот има намера да го прошири овој проект и во Блискиот Исток, Азија, Европа и Америка.