Договорот меѓу Скопје и Атина за новото име на Македонија е фер и избалансиран, и претставува многу важен чекор, изјави експертот за Југоисточна Европа од Лондонската школа за економија и политички науки, Џејмс Кер-Линдзи.
– Како некој што се занимава со Западен Балкан и кој премногу посакува да го види Западен Балкан во ЕУ, знам колку е важен овој чекор, истакна Кер-Линдзи.
Според него, „Северна Македонија е многу добро, разумно и избалансирано решение“.
Тој смета дека многу луѓе во Македонија се свесни дека името мора да се промени, бидејќи без тоа нема да може земјата да стане членка на ЕУ и НАТО.
Што се однесува до Грција, Кер-Линдзи истакна дека тие, за разлика од Македонија, не плаќаат никаков вид на политичка или економска цена, но дека им е нарушен имиџот.
– Двете земји се свесни дека доколку било која го одбие договорот ќе се создадат реални проблеми на овој или оној начин, и на меѓународен план многумина ќе бидат несреќни поради тоа, во ЕУ и меѓу членките на НАТО, изјави британскиот експерт.
Тој нагласи дека за разлика од многу други набљудувачи, секогаш предупредува против огромното нагласување на улогата на Русија врз Западен Балкан, бидејќи таа нема ниту приближно толку влијание.
Според Кер-Линдзи, Русија нема да биде среќна околу договорот за името едноставно поради тоа што една од првите работи кои ќе се случат доколку помине договорот е дека Македонија ќе стане членка на НАТО.
– Русија очевидно не е среќна кога државите се приклучуваат кон НАТО, заклучува Кер-Линдзи.