Тимјаник вчера покажа дека на македонското население му треба едукација. Природно е да се плашите од нешто што не го знаете. Не се откажуваме и ако треба уште 100 или 200 пати ќе се вратиме таму. Сакаме жителите да разберат за што се работи. Има простор за дискусија независно дали ќе се отвори и градинка и мал групен дом. Ќе покажеме дека можеме да пораснеме како општество, рече денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
На брифинг со новинарите во седиштето на УНИЦЕФ во Скопје, Царовска порача дека за надминување на вакви ситуации не се доволни само кампањи и дејствувања на граѓански организации, туку е неопходно интервенирање преку образовниот процес, уште од најраната предшколска возраст.
Освен на отворање мали групни домови, Министерството за труд фокусот го става и на згрижувачките семејства како еден од најдобрите облици на прифаќање деца без родители или со попреченост.
– За згрижување деца нема толку голем одѕив како што има за посвојување миленичиња. Мора да поработиме на ова поле зашто овој тип алтернативна форма на згрижување деца нуди најтопла атмосфера, како што е во нормалните семејства. Многу е важно да ги поттикнеме граѓаните што ги изгледале своите деца, а сакаат да споделат љубов, тоа да го сторат, истакна Царовска.
За претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс реакцијата на жителите од Тимјаник е очекувана и типична за случај кога се спроведува транзиција и кога на маса се ставаат тешки теми.
Според него, жителите на Тимјаник можеби не се толу исплашени од децата со попреченост, колку што се обременети со егзистенцијални проблеми како сиромаштијата, опфатот во детскиот развој, образованието, здравството,…
– За да не се повторуваат вакви ситуации, важно е населението да биде сослушано од локалните заедници и да се земат предвид неговите укажувања и проблеми, но треба и да му се објасни за што точно станува збор, потенцира Перкс, укажувајќи дека за конкретни резултати во еден ваков сложен процес е сепак потребно време.
Став на претставникот на УНИЦЕФ е и дека во однос на згрижувањето не е битно само да има доволен број заинтересирани семејства, туку тие да бидат и стабилни.
За две недели, откако почна кампањата на Министерството за труд и УНИЦЕФ, 75 лица пројавиле интерес за згрижување деца. Досега, 91 лице е сместено во тн. мали групни домови, а еден мал групен дом има капацитет за максимум седум деца или лица. Како што рече Царовска, во 2000 година кога почнаа реформите на ова поле, 700 деца имало во институциите, а денес оваа бројка е сведена на 200 од кои половина се со попреченост во развојот.
Министерката најави дека до крајот на годинава најмалку пет деца треба да излезат од Домот во Демир Капија каде се сместени околу 200 лица, а од Домот „25 Мај“ сите 25 ќе излезат одеднаш и тоа се очекува да биде реализирано до крајот на овој месец.