Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на денешната средба со основачот и сопственик на индиската компанија „Сахара Индија Паривар”, Субрата Рој бил информиран за сферите на интерес за инвестирање во Република Македонија, како и за почетокот на подготовките за реализација на проектот „Сахаријан Македонија“.
Претседателот Иванов, како што е наведено во соопштението од неговиот Кабинет, изразил задоволство од искажаниот интерес за инвестирање во Република Македонија, како и за конкретизација на проектите, што во голема мера позитивно се одразува на јакнењето на македонско – индиските односи и соработка.
Македонскиот претседател изразил интерес и подготвеност за проширување на билатералните односи и соработка, како на политички план, така и во повеќе области од заеднички интерес со акцент на земјоделството, туризмот и културата.
На средбата биле разменети мислења и информации за потенцијалите со кои располага Македонија, за можностите и за предностите кои ги нуди земјава за странските инвеститори. Притоа, претседателот Иванов ги потенцирал континуираните напори што Република Македонија ги презема во насока на подобрување на економската клима и привлекување странски инвестиции.
Соговорниците констатирале дека двете земји имаат широка перспектива за продлабочување на билатералните односи, кои се традиционално пријателски и ја реафирмирале подготвеноста за унапредување на соработката и нејзино конкретизирање со натамошни проекти.