Цео Георгиевски и Стојан Павлевски за кои Обвинителството по разгледувањето на новите докази го смени обвинителниот акт, од обид за убиство на пратеникот Зијадин Села во насилство за настаните во Собранието на 27 април лани, денеска пред судот ја признаа вината по новото обвинение.
– Ја признавам вината, го разбирам обвинението, рече Георгиевски.
Неговиот адвокат Дончо Наков побара, согласно новото обвинение, постапката против Цејо Георгиевски да се одвои.
И обвинетиот Стојан Павлевски, рече дека го разбира новото дело за кое се терети, и дека по дадените видео докази се чувствува виновен.
– Ја признавам вината. Се чувствувам виновен за делото за кое се теретам, рече Павлевски.
Двајцата обвинети кажаа дека свесно и доброволно ја признаваат вината.
Претседателот на Судечкиот совет судијката Славица Андреевска, по признанието на вина од обвинетите, кажа дека кривичното дело за насилство поведено по измените на обвиненеито се раздвојува од постапката за другите обвинети, кои се обвинети за обид за убиство.
За кривичното дело насилство, според законот, е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години.
Судијката Андреевски по признанијата од Георгиевски и Павлевски даде пауза од еден час, по која се очекува да продолжи судењето.
За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се седум лица: Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.
Сите обвинети се присутни на денешното рочиште во Кривичниот суд.