Членовите на Здружението на приватни медиуми (ЗПММ) денеска почнаа активности во знак на протест за последните случувања во областа на наплатата на авторските права.
Преку унифицирана порака, која се емитува на програмите на членовите на здружението, ЗПММ бара нова законска регулатива во областа на авторските права, истакнувајќи дека не е против нивно плаќање.
Од ЗПММ соопштуваат дека испратиле барање до Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и до Обвинителството да се преиспита комплетното финансиско работење, отчетноста и транспарентноста на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) и новото Здружение за заштита на авторските права (ММИ). Испратено е барање и до Министерството за култура да се стопира работата на новото здружение ММИ се до завршувањето на истрагата.
Според ЗПММ, покрај унифицираните радио и тв пораки до гледачите и слушателите на секоја македонска песна која ќе се емитува на програмата денеска и утре, ќе следат и други мерки со кои поблиску ќе ги информирале граѓаните за последните случувања.
– Овој протест ќе се одвива во три фази. Во втората фаза ќе се направи прекин на програмата во траење од 5 минути, а како трет чекор од здружението се согласни сосема да се прекине со емитување на македонската музика, информираат од ЗПММ.