Бејли: Привлекувањето публика бара креативност и стратешко планирање

Од:

Мора да барате креативни начини за стекнување публика, да бидете претприемачки настроени, стратешки да размислувате и планирате и да имате темелен финансиски менаџмент за да може да се остварите во денешни услови, зашто културата е област на натпревар и конкуренција, порача амбасадорот Џес Бејли на отворањето на дводневниот симпозиум за менаџмент во уметноста.

Настанот се одржува денеска и утре во Скопје, во организација на Амбасадата на САД во Македонија, во соработка со Министерството за култура и „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје.

Во присуство на околу осумдесет културни работници и експерти од Македонија, американскиот амбасадор истакна дека насекаде е тешко менаџирањето на културниот сектор, без разлика, како што рече, дали се работи за САД или Македонија.

– Се соочуваме со ограничени ресурси, променливи вкусови на публиката, мал распон на внимание со денешните социјални медиуми. И во САД културните институции се мачат да дојдат до публика и до позитивен биланс на своите сметки, но секогаш мора да бараат креативни начини како да стекнат публика. Не можете само да седите и да чекате публиката да дојде кај вас… Во барањето извори за финансирање важно е да ги натерате луѓето да учествуваат во управни одбори, што би им овозможило на менаџерите во уметностите да добијат различни идеи за менаџментот, за управувањето со финансиите и тоа би помогнало да се зајакнат тие институции, рече Бејли, кој сподели искуства зашто и самиот израснал во семејство кое, рече, е инволвирано во уметностите.

Подвлече дека Македонија има многу нешта што може да ги понуди во културниот простор, кои воопшто не се истражени. Некогаш бенефитот се стекнува и од еден знак поставен на патека на локалитет, посочувајќи на примерот со Кокино, каде минатата година беа поставени насоки и знаци за движење на посетителите.

– На пример Кокино е тешка локација за да се разбере, од неолитот е, и без знаците изгледа само како куп од карпи. Преубаво место кое без знаци не значи ништо. Едно мало знакче, една добро направена патека и веќе имате дестинација која објаснува една фасцинантна локација. Тоа не бара голема инвестиција, но бара мислење и планирање, додаде амбасадорот на САД.

Во поздравното обраќање Бејли кажа и дека една од силите на САД е тоа што нема Министерство за култура, но има многу организации посветени на уметноста и културата, владини агенции кои имаат конкретни улоги во остварувањето на културата.

– Тоа е важна разлика, затоа што ние не ја гледаме културата како нешто што владата би требало да се занимава и таа идеја е вметната во нашиот целокупен пристап кон дејноста на културата. И покрај тоа што немаме Министерство за култура, таа е многу развиена, зашто институциите од уметноста и културата го подобруваат општествениот живот и економските перформанси. Еден музеј или концертна сала, на пример, се меѓу најпрепознатливите места што луѓето ги посетуваат, рече амбасадорот Бејли.

Министерот за култура Асаф Адеми, кому ова му беше прв официјален настан, истакна дека приоритет на Министерството е вклучување и подобрување на соработката на национално ниво во областа на културата.

– Со овој симпоизум ќе имаме добра визија за идното менаџирање на културните институции, соработка меѓу владиниот и невладиниот сектор. Овој симпозиум ќе помогне и да се добијат сознанија од најдобрите практики за процесот на децентализација и развој на културата на локално ниво. Сето тоа ќе придонесе за развој на културата која е во спрега со економијата. Уверен сум дека симпозиумот ќе им овозможи на нашите менаџери да бидат во чекор со светските текови и дека ќе помогне за полесно реализирање на политиките на владата за креирање одржлива култура, широко поставена од сите и за сите, која ќе ги следи потребите на сите граѓани, рече Адеми.

Своите искуства во оваа област, на македонските менаџери во културата денеска и утре ќе им ги пренесат тројца гости од САД: Авива Розентал – заменик-директор од Канцеларијата за меѓународна соработка од музејот „Смитсониан“ во Вашингтон, Филип Хорн – поранешен извршен директор на Советот за уметност од Пенсилванија и Ален Наус – актер и некогашен директор на Театарот на уметниците во Портланд, Орегон.

Би можело да ве интересира

Амбасадорот Бејли на проштална средба со премиерот Заев

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Бејли: Најмногу ќе ми фалат луѓето, најмалку загадениот воздух

Ана Ололовска

Османи до Бејли: Оставивте неизбришлива трага во успехот и напредокот на земјава

Ана Ололовска

Бејли по заминувањето од Скопје во март ќе се пензионира од дипломатската работа

Наум Локоски

(ВИДЕО) Бејли: Македонија донесе историска одлука, САД ја поздравуваат одлуката на пратениците

Наум Локоски

Бејли: Каква било сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница е лажна

Наум Локоски