Интензивно се работи на рехабилитација на автопатската делница Скопје-Тетово која е во должина од 17 километри. Досега се рехабилитирани и асфалтирани девет километри, а до крајот на јуни се очекува да завршат работите на едната страна од автопатот од Скопје кон Тетово.
Денеска увид во извршување на рехабилитацијата на возната лента на автопатската делница Сарај – Групчин направија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заменик министерот за транспорт и врски Садик Беќири и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
– Реконструкцијата на делница беше неопходна, затоа што возната лента беше најоштетениот дел од автопатот кон Тетово, а сите сме свесни колку возила дневно поминуваат на оваа делница. Затоа беше потребна итна интервенција со цел комплетно да ја рехабилитираме и да овозможиме сообраќајот да се одвива побезбедно, изјави министерот Сугарески.
Тој додаде дека во западниот дел се инвестира преку половина милијарда евра за изградба и реконструкција на патниот Коридор 8.
– Покрај реконструкцијата на автопатот од Скопје до Тетово, во втората половина на 2018 година преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе се распише тендер за проектирање за реконструкција на патот од Тетово до Гостивар на ниво на стандарден автопат. Во меѓувреме се работи на реконструкција на државниот пат од Гостивар до Кичево, со вкупна вредност на инвестицијата од преку шест милиони евра, а во тек е и проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево и секако продолжуваме со изградба на автопатот од Кичево до Охрид, истакна министерот за транспорт.
Потеницра дека преку различни програми на ЈПДП се работи и на рехабилитација и на други патни правци.
– Сакам да напоменам дека сме свесни за потребата за реконструкција и на други регионални патишта во овој дел на Македонија, истите се детектирани и планираме да ги вметнеме во програмите за работа за следните години, посочи Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов потенцира дека се работи на рехабилитација на 17 километри автопатска делница во вредност од 70 милиони денари.
– Досега се рехабилитирани и асфалтирани девет километри. Интензивно ќе се работи и овој месец и до крајот на јуни треба да заврши рехабилитацијата од едната страна од Скопје кон Тетово, изјави Китанов. .
За реконструкцијата на оваа автопатска делница се обезбедени 1,1 милион евра од Буџетот на ЈП за државни патишта. Градежните работи почнаа во ноември 2017 година.