Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), во контекст на новонастаната загрижувачка ситуација во татковината предизвикана од крајно несериозното, не-државничко и деградирачко делување на претставниците на двете најголеми политички партии на Македонците во Република Македонија, по повод исходот од средбите во Њујорк и Брисел, и продолжување на преговорите на името, го изјавува следново:
„Со последниот предлог за промена на името за севкупна употреба вкучувајќи и промена на Уставот на Република Македонија, владата на Република Македонија изврши предавство на нацијата и се обидува сериозно да ја наруши независноста и суверенитетот на државата, ставајќи се во служба на силите кои вршат идентитетски, историски и културен геноцид на Македонскиот народ. Со аматеризам и полтронство, без трошка визија, самопочит и без никаква заложба за почитување на основните и универзални вредности за рамноправност, со дигнитет и меѓусебна почит, се прават обиди за уништување на вековниот идеал на Македонецот за сопствена држава создадена врз Крушевскиот Манифест и Асномската Декларација. Со своето полтронство и аматеризам, подпомогнати од невладини активисти со сомнителен кредибилитет, професионализам, етика и морал, финансирани од извори кои спроведуваат национални интереси на туѓи држави, сериозно ги загрозуваат угледот на Македонската држава, достоинство и иднина.
Во овој момент, сите ние имаме историска одговорност, користејќи ги демократските средства, по мирен и разумен пат, по примерот на Ганди и Мендела и следејќи ги идеалите на Гоце Делчев, да го одбраниме тоа што е наше, за нас и нашите поколенија.
Поради горенаведените причини, ОМД го повикува Македонецот без разлика на својата етничка, верска и идеолошка припадност и определба во Република Македонија и Дијаспората, на следниве чекори и активности:
Го повикуваме народот на зголемена активност, организирање на мирни протести и јавни манифестации како начин на изразување на несогласност со деструктивните политики во Република Македонија.
Ги повикуваме македонските медиуми на транспарентност на националното незадоволство наместо лажирање на национален концензус во прилог на актуелните политики.
Ги повикуваме интелектуалниот кор во државата да го поттикнат својот народ во одбрана на Уставот на Република Македонија.
Ги повикуваме македонските економски сили во Република Македонија и Дијаспората да се организираат со финаниска поддршка кон одрбана на унитарноста, уставноста и идентитетот на државата.
Повикуваме на соработка и формирање на координативно тело помеѓу партиски членови од сите Македонски партии кои ќе работат за спречување на референдумско изјаснување, како би се спречило легитимизирање на уставните и идентитетски промени на Македонија.
Ги повикуваме организациите на Македонците во дијаспората на одговорност, активност и организираност со цел да им помогнеме на нашите сонародници во Македонија да го одбранат Уставот и сувереноста на Република Македонија. Притоа, повикуваме на претпазливост и индивидуална одговорност, со напомена дека секоја избрзана некоординирана активност на поголемите организации во дијаспората, брз база на компромис и изразена согласност, базирани на презентирана програма и цел, можат да доведат до несогледлив колапс и разочарување во дијаспората, со непожелни последици за нашите браќа и сестри во Македонија.
Вистината, желбата, патриотизмот, разумот, активноста, исклучиво по мирен и демократски пат се единствениот можен излез од ситуацијата во која се наоѓа Македонија, поради што ОМД повикува на здружено делување, затоа што – за сите нас се работи“, се вели во соопштението.