„Што е музеј? – нова музејска дефиниција“ е насловена тркалезната маса која денеска во Археолошкиот музеј на Македонија ја организираат Регионалната алијанса на ИКОМ за Југоисточна Европа и Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ).
– Дефиницијата за музеи на ИКОМ функционира како заедничка основа на музеите ширум светот. Долги години остана во голема мера непроменета, а ИКОМ во моментов разговара дали е време да се ревидира текстот на дефиницијата….Согласно со препораките од Секретаријатот на ИКОМ, на тркалезната маса ќе се дискутира за иднината на музеите, односно за новата дефиниција за музеј, соопшти МНК ИКОМ.
Учесници на тркалезната маса ќе бидат претседателката на Регионалната алијанса на ИКОМ за ЈИЕ Горанка Хорјан и членовите на Бордот на Алијансата, како и учесници од неколку земји од регионот.
По одржаното советување „Хиперповрзани музеи: нови пристапи, нова публика“, кое се одржа во Демир Хисар на 16 мај, и доделувањето на наградите по повод 18 Мај – Меѓународен ден на музеите, тркалезната маса е трет настан во активностите за 2018 година со кои МНК ИКОМ одбележува 25 години од основањето.