Аудио-тура низ музејските поставки на шест јазици беше промовирана денеска во Градскиот музеј во Крива Паланка.
Проектот за аудио-турата е дело на волонтерот на Мировниот корпус Кајл Бутчер и е имплементиран со финансиска поддршка на Мировниот корпус на САД во Република Македонија.
На промоцијата присуствуваше и американскиот амбасадор Џес Бејли, кој посочи дека волонтерите преку три вида програми се вклучени во средините каде работат.
– Истовремено, многу значајно е што волонтерите ги доближуваат културите на нашите заедници и ги поврзуваат и зближуваат луѓето работејќи заедничкип и посветено на иста цел, изјави Бејли, истакнувајќи ја важноста на македонските семејства со кои живеат волонтерите.
Според директорот на Градскиот музеј Драган Величковски, проектот е совршен спој на модерната технологија со историјата и традицијата и богатото археолошко и културно наследство на градот.
– Аудио-турата е надополнување на она што подолго време се реализира во музејот, реконцепција на поставките и придонесува за атрактивност и достапност на музејот до сите посетители, специјални гости, но и до лицата со попреченост, зашто истовремено музејските постановки се адаптирани и за лица со оштетен вид и слух, истакна Величковски.
Инсталирани се триесетина монитори на кои се претставени артефакти и предмети, фотографии од основањето на градот до денес, а посетителите можат да ја запознаат Крива Паланка низ аудио-турата на шест јазици: англиски, македонски, албански, ромски и турски и француски.