Хуманитарната кампања „For the Children of the World“ (За децата од светот) која има за цел да им помогне на децата бегалци сместени на островот Лезбос во Грција денеска беше претставена во Скопје. Акцијата има за цел да се соберат средства за да се купат 300 колички за децата.
Словенечкиот амбасадор во Република Македонија Милан Јазбец на денешната прес-конференција соопшти дека оваа акција е значајна за Словенија, за мигрантите и за сите држави низ кои тие минуваат.
– Пред се е значајно да се зачува етичката порака-сите сме луѓе и на сите ни треба помош, рече Јазбец.
Автори и главни промотори на кампањата се Јуре Поглајен и Давид Зорко, кои првпат заминале на одмор во Лезбос во 2015 година и се соочиле со бегалците сместени таму. По враќањето во Словенија почнале кампања за помош на бегалците во Грција, кои живеат во исклучително лоши услови и во соработка со хуманитарната организација „ADRA“ од Словенија успеле да соберат 10 тони различни најбарани продукти за бегалците донирани од словенечките граѓани.
Во средината на март годинава заедно со Борис Крабоња ја почнале хуманитарната кампања „For the Children of the World“. Кампањата е поддржана од многу познати личности во Словенија. Словенечките граѓани за помалку од два месеца донираа повеќе од 15.000 евра во кампањата.
Поглајен информира дека 300 колички веќе се купени во продавница на островот Лезбос и додаде оти се потребни уште толку. Апелираше сите граѓани кои се во можност да донираат средства и да ги контактираат на маил [email protected] Јуре и Давид лично ќе ги предадат количките во логорот Мориа во придружба на двајца новинари од словенечката национална телевизија и радио.