Господинот Стаменковски по она образование што го има во делот на социјалната политика има намера да излезе од судот, затоа е и ангажиран за советник. Јас верувам дека некогаш ќе работи на својата професија, тој не е одлучувачко лице тука, се работи за административно лице, коешто го запознав од Шарена револуција, од одењето по улиците, изјави премиерот Зоран Заев, во врска со ангажирањето на Горан Стаменковски, раководител на секторот за човекови ресурси во кривичниот суд, за негов советник.
Според Заев, Стаменковски имал амбиција да се вгради во ова општеството и да помогне во социјалните аспекти во државата.
„Направив ангажман како надворешен соработник, секако тој ќе ги чека конкурсите во државата, потребите да се ослободат одредени места, заради тоа што, тој е едно лице, како и многу други граѓани, верувам дека поминувал низ непријатни моменти како и порано, па можеби дури од поранешниот претседател на судот. Неговиот пекол во животот почна кога се појавија сликите од Шарената револуција каде што и тој како граѓанин и јас како политичар, шетаме овде по улиците и протестиравме и од тогаш стигнаа според негово кажување сите овие измачувања“, рече Заев.
Јас му верувам, додаде тој, и станавме пријатели во целиот овој период, заради тоа е и ангажиран за мој советник. „Ја гледам неговата потреба да се вгради, сака да помогне, а јас сум таков човек којшто секогаш сака да даде шанса таму каде што можам да дадам шанса. Ако беше судија, ако беше обвинител, ако беше одлучувачко лице, поротник или дел од тие што одлучуваат, апсолутно со право, на мене и на било кој ќе му биде сомнително. Но, јас се знам со дел и од луѓето од судската полиција, ги знам некаде од приватниот живот, некаде од јавност, тоа не значи дека некој може да биде сомнителен или не, не се работи за тоа, не се работи за одлучувачко лице, се работи за административно лице, вработено само во судот и никако не може да влијае и да делува во процесите на одлучување за мене или за кој било“, рече Заев.