Десетчлена делегација на Сенатот на Република Чешка, предводена од потпредседателот Јири Шестак, во придружба на чешкиот амбасадор во земјава Мирослав Томан денеска престојуваше во работна посета на Гевгелија.
Со карактеристиките на општина Гевгелија гостите ги запозна градоначалникот Сашо Поцков кој истакна дека за време на бегалската криза општината се соочи и успешно се справи со два предизвика, хуманоста и безбедноста.
– Со македонската и со помош на Европската полиција успеавме да ја заштитиме личната и безбедноста на целата општина. Во оваа прилика изразувам благодарност до Владата на Република Чешка за учеството на полицајците од оваа земја во обезбедувањето на граничниот појас со Грција. Истовремено сакам да нагласам дека гевгеличани ги прифатија чешките и полицајците од сите европски земји како свои пријатели, истакна Поцков.
Потпредседателот на чешкиот Сенат, Шестак и даде целосна подршка на нашата земја во евроатлантските интеграции, особено по вчерашната безусловна препорака за започнување на преговорите и посебно на општините како што е Гевгелија која е домакин на чешките полицајци.
– Сакам да ја изразам нашата подготвеност за унапредување на соработката, посебно на локален план, преку воспоставување соработка меѓу локалните самоуправи, а се разбира и за создавање услови за реализација на проектни планови на чешки инвеститори за што ќе ја имате подршката од чешката амбасада во вашата земја, нагласи Шестак.
Гостите во Гевгелија остварија средба и со полицајците од Чешка кои се сместени во мотелот „Вардар“.