Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област ја одржа конститутивната седница.
Во својство на координатор се обрати министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која нагласи дека во работата на ова тело сечие мислење ќе биде ценето, а конструктивните критики кои ќе дадат придонес во унапредување на состојбите се добредојдени.
Потребата од формирање на посебно тело за координација и следење на состојбите со недискриминација е пред сe’ заради подигнување на транспаретноста во работењето на државните институции во оваа област, координација на активностите меѓу институциите и организациите (здруженија на граѓани и меѓународни организации), заедничко воспоставување на приоритети на годишно ниво во оваа област врз основа на меѓународни и други извештаи и анализи, како и континуирано следење на состојбите во оваа област и заедничко предлагање на мерки за подобрување на состојбите.
Во работата на НКТ за недискриминација учествуват 36 претставници на министерства и други државни институции, граѓански и меѓународни организации, синдикати и институти. Формирањето на ова тело е во насока на спроведувањето на Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 и Стратегијата за еднаквост и недискриминација 2016-2020, со што ќе се постигне подобра координација и ефикасност на механизмите за спречување и заштита од дискриминација, а во насока на градење на еднакво општество за сите.