Пунктот за наплата на ЕВН во Кавадарци е укинат, на што реагираат кавадарчани дека сите не се информатички писмени за да плаќаат електронски. Се жалат дека вчера во пошта имало гужва за наплата, а немало систем со реден број. Има и такви кои сакаат да имаат печат и потпис од лицето кое им наплатило.
Ленче Карпузовска, менаџер на Оддел за комуникации во ЕВН, за МИА вели дека платниот промет не е суштинска дејност на компанијата, тоа е работа на банките.
– Корисниците имаат можност да платат во сите банки и пошти. За олеснување на плаќањето, воведени се и нови “онлајн” сервиси, електронска фактура и електронски плаќања. Начините на плаќање ги има на секоја сметка. Приемните канцеларии остануваат и корисниците можат да ги добијат сите потребни услуги, освен плаќање, нагласува таа.
Додава дека наплатните пунктови се затвораат во фази, не само во Кавадарци и целта е да се затворат сите.
На стравот на кавадарчани од провизија во банките и времето на раскнижувањето, Карпузовска одговара дека провизијата ја плаќа ЕВН.
-Нема задоцнување ако банката го внесе бројот на корисник и бројот на фактура. Автоматски се раскнижува, децидна е таа.