Експремиерот Никола Груевски, заедно со 21 останат обвинет во случајот на СЈО „Титаник“, ќе ѝ направат сефте на новата зграда на кривичниот суд. Првото судско рочиште за овој предмет е закажано за понеделник и е предвидено да се оддржи во една од големите судници во новиот објект, кој утре ќе биде пуштен во употреба со свеченост.
Камен-темелникот на новата зграда на кривичниот суд беше поставен во 2010 година, а меѓу присутните беше и тогашниот премиер Груевски, кој заедно со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски ги фрлија првите лопати.
Барокната зграда која почна да се гради во 2010 година има десет нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Изградбата на објектот беше поддржана со приближно 8,3 милиони евра заем од Светска банка. Новиот објект има 74 судиски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни судници од кои едната ќе биде со капацитет за 200 лица за случаи на организиран криминал и една за 100 лица.
Обезбеден е простор за архиви, шалтер-сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, судиски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 квадратни метри.
Васко Маглешов