В сабота, на 31 март, на денот на правосудството, точно напладне свечено треба да биде пуштена во употреба новата барокна зграда на кривичниот суд во Скопје.
Барокната зграда која почна да се гради во 2010 година има десет нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Изградбата на објектот беше поддржана со приближно 8,3 милиони евра заем од Светска банка.
Новиот објект има 74 судиски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни судници од кои едната ќе биде со капацитет за 200 лица за случаи на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер-сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, судиски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 квадратни метри.
Претседателот на судот, Иван Џолев, не одговори на прашањето на „Макфакс“ на кој начин и за колку време треба да се очекува новата зграда на кривичниот суд целосно да биде ставена во функција и да се одржуваат судењата. Неофицијално, селењето ќе се одвива во етапи по оддели.
Експремиерот Никола Груевски, кој во мај 2010 година присуствуваше на свеченоста за поставувањето камен-темелникот, рече дека Владата работи на подобрување на судската инфраструктура. Тој присуствуваше на свеченоста заедно со тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и експретседателката на кривичниот суд, Лидија Неделкова.
„Изградбата на зградата на кривичниот суд претставува само еден сегмент од севкупните активности на Владата на РМ, насочени кон зајакнување на ефикасноста на судството во борбата против организираниот криминал“, изјави тогаш Груевски.
Во моментот специјалното јавно обвинителство против Груевски води 5 активни обвиненија за неколку кривични дела, а отвори и 3 нови истраги. В понеделник, пак, почнува најголемиот случај на специјалното јавно обвинителство „Титаник“, каде што Груевски е обвинет за три кривични дела: „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, „злосторничко здружување“ и „повреда на избирачкото право“.
Васко Маглешов