Министерот за надворешни работи на Словенија, Карл Ерјавец изјави дека неговата влада нема да предложи примена на дипломатски мерки против Русија во знак на солидарност со Велика Британија.
Владата на Словенија утре ќе расправа за случајот со нападот со нервен отров на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал во Велика Британија.
Словенија е една од осумте членки на ЕУ кои се уште немаат одлука за дипломатски мерки против Русија.
– Мислам дека прво треба да се расчисти што точно се случи во Солзбури, станува збор за нејасен и бизарен случај, рече Ерјавец за медиумите.
На почетокот на оваа недела, Ерјавец рече дека Словенија не размислува за дипломатски санкции, односно за симболично откажување гостопримство за еден руски дипломат.